Катар
Катар има најголем приход по глава жител во светот и е најголем снабдувач со нафта и природен гас во светот. Во 2011 година Катар имал најголем БДП по глава жител во светот од 103.000 долари (за споредба, во Македонија тој е само 4.000 долари по жител), со извонреден економски пораст од 19,40%. Оваа држава со околу 1,7 милиони жители (од кои најголем број работници од странство, а само околу 300.000 домицилно население) има вкупен БДП од фантастични 200 милијарди долари (повторно за споредба, Македонија со 2 милиони жители има БДП од околу 9 милијарди долари!). Главни движечи мотори на брзиот развој и пораст на Катарската економија се големото производство и извоз на течен гас, нафта, петрохемиски производи и слични индустрии од овој вид. Катар доживеал висок економски пораст во изминатите години главно поради порастот на цената на нафтата и поради изнаоѓање на нови ефикасни начини за транспорт на течен гас. По Обединетите Арапски Емирати, Катар има највисок пораст на развој во полето на човечки ресурси во Арапскиот свет. Во 2009 година, Катар се котирал на високото петто место по извоз на пазарот во САД, оставајќи ги зад себе О.А.Е., Израел, Саудиска Арабија и Египет. Најновата економска премиса на Катар се заснова на развој на ресурси кои не се поврзани со експлоатација на природен гас, туку главно во поттикнување на приватните и странските ивестиции во неенергетскиот сектор (особено туризмот). Сепак производството на нафта и гас придонесуваат со 50% во БДП. Се проценува дека резервите на нафта на Катар достигнуваат 15 билиони барели што е доволно за производство на нафта со сегашното темпо во наредните барем половина век. Резервите на природен гас на Катар се проценуваат на околу 26 трилиони кубни метри, што
всушност претставува 14% од светското производство и е трета земја производител на гас во светот. Во енергетскиот сектор Катар привлече инвестиции од околу 100 милијарди долари, од кои 60 до 70 милијарди се од САД. Постојат најави дека Катар во следните десетина години ќе инвестира повеќе од 120 милијарди долари во енергетскиот сектор. Исто така, од 2005 година Катар започна со крупни инвестиции во туризмот, во кои до 2015 година ќе вложи 20 милијарди долари (изградба на хотели, атракции, паркови и слично). Така, додека во 2000 година имаше само неколку стотици илјади туристи годишно, денес тој број се искачи на 2 милиони. Енормен раст бележи националната авиокомпанија Катар Ервејз која сообраќа кон голем број дестинации во светот. Моментално, во Катар е во процут и градежништвото, при што од 2005 година до сега се изградени 20-тина облакодери високи и до 300 м, а во градба се 4 облакодери кои ќе бидат високи над 500 м и ќе имаат до 120 ката.
Како многу богата држава, во Катар е висок стандардот на населението. Многу услуги се бесплатни или има најразлични погодности и поволности (образование, здравство, разни елементи од јавен сектор, купување на стан, автомобил).
No comments:
Post a Comment